На штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ денеска се одржа меѓународна работилница насловена како ACE²-EU Stakeholder Engagement Workshop, посветена на унапредување на студентската и академската мобилност, со учество на претставници од повеќе високообразовни институции и партнери од Европската алијанса на универзитети.
Целта на работилницата беше размена на искуства и добри практики, како и креирање нови можности за соработка меѓу универзитетите, со посебен фокус на програмите за мобилност, кои им овозможуваат на студентите и наставниот кадар стекнување меѓународно искуство.
Во рамки на настанот се дискутираше за предизвиците со кои се соочуваат институциите при реализација на мобилностите, но и за начините за нивно надминување преку подобрување на административните процедури, зголемување на информираноста и унапредување на меѓуинституционалната соработка.
Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски вели дека студентите и професорите имаат можност да работат на креирање на нови студиски програми, прилагодени на пазарот на труд, со што ќе се создаде кадар кои ќе одговори на современите предизвици.
„Веќе паралелно се работат неколку заеднички студиски програми во областа на фармацијата, здравството, како и во техничките струки, пред се во областа на вештачката интелигенција и инженерство на животна средина“ рече Мираковски.
Универзитетската професорка Витана Вичење од Универзитетот за применети инженерски науки од Литванија истакна дека имаат план да достигнат околу 9.000 мобилности на студенти, професори и вработени на деветте универзитети, кои се дел од европската Алијанса. Таа додаде дека станува збор за мешани мобилности со физичко присуство, но и мобилности со виртуелна компонента.
„Денешната цел е тука да ги воочиме сите оние досегашни предизвици, недостатоци проблеми кои појавија околу досегашните мобилности, кои што во Алијансата биле околу 1.000 и да се обидеме да ги мапираме, структуираме бенефициите, како и идните насоки за тоа како да ги подобриме, а и ние како да се подобриме во насока на остварување на овие мобилности“ вели Вичење.
Претставниците истакнаа дека академската мобилност игра клучна улога во развојот на студентите, овозможувајќи им стекнување нови знаења, вештини и интеркултурни искуства, што придонесува за нивна поголема конкурентност на пазарот на труд.
Соња Манкалијано, членка на студентското тело на Алијансата, посочи дека на оваа работилница студентите од деветте универзитети имаат можност да ги споделат сите позитивни и негативни искуства, кои што произлегуваат од мобилноста, односно размената.
„Најинтересни можности за соработка за нас од аспект на студентите се практично едукативните активности кои ги нуди Алијансата, тоа се различните Еј-би-си школи, меѓутоа и различните едукативни и образовни формати. Нашиот интерес како студенти не застанува тука. Ние сме заинтересирани за волонтерските активности кои што ги промовира Алијансата, но и за можноста за стажирање во одредени други институции, или партнер институции на Алијансата. Така што нашата идеја преку овие активности е ние да развиеме еден вид на алтруизам, еден вид на соработка помеѓу нас самите и универзитетите, кои на нас ќе ни помогнат во градењето на нас, како личности“ вели Манкалијано.
Од Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип посочуваат дека ваквите настани се значајни за јакнење на меѓународната димензија на образованието и за понатамошно развивање на партнерствата со странски универзитети.
Работилницата е дел од пошироките активности на универзитетот насочени кон унапредување на квалитетот на високото образование и зголемување на учеството во европските програми за мобилност.




