Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и годинава бележи силен интерес од странски студенти, при што најголем дел доаѓаат од Турција, додека расте и присуството на млади од Бугарија, Србија и Грција. Ректорот Дејан Мираковски информира дека само на прва година студираат околу 180 студенти од други држави, распоредени на повеќе факултети.
Досегашната тенденција, според него, се менува. Наместо најголема концентрација на странски студенти на Медицинскиот факултет – како што беше во претходните години – оваа студиска година најголем влез се забележува на Факултетот за информатика, особено на програмите што се реализираат на англиски јазик.
„Имаме студенти од соседните земји, но најбројни и понатаму се оние од Турција. Сепак, се забележува промена во распределбата – интересот за информатичките студии расте и таму веќе се групира најголемиот број нови студенти“, изјави ректорот Мираковски, додавајќи дека бројките се блиски до минатогодишните, но со поинаква структура.
Тој објасни дека младите кои доаѓаат од странство без проблем се вклопуваат во наставните активности. Со оглед на тоа што речиси сите факултети нудат програми на англиски јазик, студентите не се соочуваат со јазични пречки, а многумина го совладуваат македонскиот преку секојдневна комуникација.
„Интеграцијата тече природно. Отсуството на јазична бариера многу помага, а факултетите кои ги отвораат програмите на англиски ги олеснуваат тие процеси. Целта е да го одржиме трендот и да бидеме уште позастапени на меѓународната академска мапа“, нагласи Мираковски.
УГД продолжува да го шири бројот на студиски програми достапни на англиски јазик, не само во медицинските науки, туку и на другите факултети, со што Универзитетот се стреми да обезбеди поквалитетни услови за странските студенти и да ги зацврсти меѓународните академски врски.




