Брегалничката епархија денеска ја одржува традиционалната крводарителска акција во штипскиот храм „Св. Никола“, што секоја година се организира пред почетокот на божикните пости. Собирот започнува во 9 часот, а меѓу првите дарители ќе бидат свештенослужители и верници, со цел преку хуман чин да се помогне таму каде што е најпотребно.

Протојереј Добрица Јанев им испраќа апел на сите граѓани кои се во можност да дојдат и да се вклучат, потсетувајќи дека „животот е единственото нешто што не може да се купи“. Во храмот ќе бидат присутни тимови од Црвениот крст и од трансфузиологија, кои ќе се погрижат дарувањето да биде брзо, организирано и безбедно.

„Веќе години наназад, пред постите, ја одржуваме оваа хуманитарна акција. Ги повикуваме сите свештеници, верници и добронамерници што сакаат и можат да даруваат крв. Таа капка може некому да му го спаси животот и да му помогне повторно здрав да го слави Бога. Акцијата ќе се реализира утре од 9 часот во просториите на храмот, каде што екипите на Црвениот крст и трансфузиологија ќе бидат подготвени“, изјави Јанев.

Тој потсетува дека уште од библиските времиња лечењето било благословено дело: од Христовите чуда, преку апостол Матеј, до Свети Пантелејмон и Светите бесребреници Козма и Дамјан – лекари кои служеле со вера и милосрдие. „Медицината е благословена од Бога, затоа и ние ја спроведуваме оваа акција со добра мисла“, додава Јанев.

Со оваа иницијатива, Брегалничката епархија уште еднаш потсетува дека најголемата вредност е доброто што го правиме за другиот. А секоја донирана капка крв денес може да биде причината нечиј живот да продолжи – најискрен подарок во пресрет на празниците.