Приближно една третина од решенијата за данок на имот, односно околу 6.800, не се платени во рокот утврден со закон, до 15 ноември. За овие обврзници ќе бидат подготвени опомени, а доколку и понатаму не ги подмируваат своите обврски, општината ќе пристапи кон присилна наплата.

„Од вкупно 18.500 решенија издадени за 2025 година, досега се наплатени две третини, додека 6.800 остануваат за подмирување. За нив ќе бидат испратени опомени, а оние што нема да платат навремено ќе се соочат со присилна наплата. Тие што ќе ги подмират своите обврски нема да имаат проблеми,“ појаснува Каров.

За оние кои не ја платиле сумата до 15 ноември, ќе се пресметува и законска камата, по што ќе следува и постапка за присилна наплата. Според Законот за даноци, пред да се започне со присилна наплата, општинската администрација испраќа писмена опомена на последната пријавена адреса на даночниот обврзник. Во рок од осум дена од приемот, тој треба да ги подмири данокот, каматата и евентуалните казни.

„Законот предвидува дека за сите кои го пропуштиле рокот за плаќање, во иднина ќе се пресметува законска камата,“ додава Каров.

Историјата покажува дека со текот на годините дисциплината кај даночните обврзници расте, па сè повеќе граѓани ги подмируваат своите обврски навреме.