Во Штип денеска, по повод празникот 8 Ноември – Денот на ослободувањето на градот, беа доделени 18 Осмоноемвриски признанија. Наградени беа граѓани, институции и здруженија кои во текот на изминатите години дале свој значителен придонес за развојот и промоцијата на Штип. Признанијата беа доделени во различни области, како што се култура, здравство, уметност, спорт и образование.
“Ова признание за мене има големо значење, бидејќи ја вреднува мојата работа и вложен труд, особено во последната година”, изјавија некои од добитниците, кои не скрија своето задоволство и благодарност за добиеното признание.
Посебно внимание беше посветено на Клиничката болница Штип, која ја доби наградата за својот извонреден труд, особено на 16 март, кога во трагичниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани беа мобилизирани сите ресурси на болницата. За помалку од еден час, вработените од штипската болница беа на терен, нудејќи помош на повредените пациенти.
“Ова признание е важно за сите нас во болницата. Тоа ја препознава нашата пожртвуваност, која беше особено изразена на 16 март кога беше неопходна наша брза реакција”, истакна директорот на болницата, Захариев.
Градоначалникот Иван Јорданов, во своето обраќање на свечената седница, подвлече дека 8 Ноември е потсетник за должноста на општината да ја чува наследената слобода и традиција, но и да продолжи со развој и напредок во сите сфери.
“Денешниот ден не е само историски момент, туку и потсетник на нашата обврска да ја чуваме слободата, да ја надградуваме и оправдуваме со конкретни дела. Денес, нашата борба е поинаква – тоа е борба за подобар живот, за развој и достоинство”, рече Јорданов.
Осмоноемвриските признанија традиционално се доделуваат секоја година за индивидуи, институции и организации кои дале значителен придонес за напредокот и афирмацијата на Штип.




