Почната е првата фаза од асфалтирањето на патниот правец што ги поврзува селата Почивало и Кошево. Се работи на делница долга 2,2 километри, од кои во моментот се асфалтираат првите 500 метри, додека останатите 1700 метри ќе бидат тампонирани и асфалтирани во следниот период. За оваа фаза Општина Штип обезбеди околу четири милиони денари од својот буџет.
„Околу четири милиони денари се издвоени за тековната фаза која опфаќа 500 метри. По нејзиното завршување, ќе се продолжи со уредување и на остатокот од трасата, што ќе овозможи целосно поврзување на Почивало и Кошево. Очекуваме во наредните денови да започне и втората етапа на работите“, изјави градоначалникот Јорданов.
Покрај овој проект, во наредниот период ќе се интервенира и на патот кој води кон селото Калапетровци, со цел подобрување на инфраструктурата и поврзување на помалите населени места со градот.
„Планирано е да се изврши тампонирање и трасирање и на патниот правец кон Калапетровци, што ќе придонесе за подобра достапност на жителите во руралните подрачја“, додаде Јорданов.
Тој најави дека и во новиот буџет на Општина Штип ќе бидат предвидени средства за понатамошно поврзување на селата и модернизација на урбаните средини.




