Учениците и жителите на штипската населба Македонка отсега ќе имаат на располагање обновено спортско игралиште во рамки на подрачното училиште на ООУ „Тошо Арсов“.
Со новиот изглед, теренот ќе им овозможи на учениците да одржуваат часови по физичко воспитување во многу подобри услови, а просторот ќе биде достапен и за младите рекреативци и спортисти од населбата.
На денешната прес-конференција, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека изградбата на вакви терени е дел од пошироката стратегија за поттикнување на спортот и здравите навики кај децата и младите.
„Со задоволство гледам дека спортските терени кои ги обновивме изминативе години се постојано во употреба. Нашата цел е тие да бидат место за дружење, спорт и здрав развој“, рече Јорданов.
Во рамките на проектот, игралиштето доби нова тартан подлога, современи спортски реквизити и осветлување, што овозможува користење и во вечерните часови. За целата реконструкција Општина Штип издвои околу еден милион денари од својот буџет.
Градоначалникот најави дека во наредниот период ќе се инвестира и во подобрување на останатата инфраструктура на училиштето – реконструкција на тоалетите, набавка на смарт табли и други наставни помагала.
Паралелно, во тек се активности за унапредување на условите за настава и во другите основни и подрачни училишта на територијата на Штип, со цел создавање поквалитетна и помотивирачка средина за учениците и наставниците.




