Граѓаните на Штип за една година конечно ќе добијат сигурно и стабилно водоснабдување, најави градоначалникот Иван Јорданов. Според него, проектите што се во тек ќе овозможат крај на долгогодишните прекини во водоводната мрежа, проблемите со нискиот притисок и недостигот на вода во повисоките делови од градот.

Во текот на овој месец во функција ќе бидат пуштени двата нови резервоари – „Мери“ и „Пребег“. Тие се во завршна фаза на поврзување со главниот цевковод, по што ќе следуваат и финалните технички активности. Во исто време, се гради и секундарната мрежа во населбата Плуждино, која ќе се снабдува со вода токму од резервоарот „Мери“.

„Со пуштањето на резервоарите Мери и Пребег и со нивното приклучување на системот, Штип конечно ќе го надмине проблемот со слабиот воден притисок, особено во високите населби“, изјави Јорданов.

Покрај тоа, во наредните месеци ќе започне поставувањето на современиот СКАДА систем, кој ќе овозможи далечински надзор и контрола на водоводната мрежа. Системот ќе го следи протокот на вода на 35 различни точки низ градот и ќе помогне во откривање и намалување на загубите. Со тоа, ЈП „Исар“ ќе ги намали и своите финансиски трошоци.

„Нашата цел е долгорочно и системски да ги решиме проблемите со водоснабдувањето. Новите резервоари, заедно со СКАДА системот и реконструкцијата на мрежата, ќе донесат стабилност и поефикасно управување со водните ресурси“, додаде градоначалникот.

Во изминатиот период, општината замени значителен дел од старите подземни водоводни линии во повеќе населби. Со овие зафати, Штип се приближува до целта – без прекини, дефекти и водни загуби, со стабилен притисок во сите делови од градот.