Во преполнетата сала на библиотеката „Гоце Делчев“ во Штип, вчеравечер беше одржана промоцијата на книгата „Штипско Ново Село“, дело на авторите Трајан Јанинков, Борис Балабанов и Петар Пиков. Настанот помина во топла и емотивна атмосфера, придружен со музички настап и многу спомени од минатото на ова старо штипско маало.

Книгата претставува своеобразен документ за историјата, духовниот живот и луѓето на Ново Село – дел од градот што со векови го негува штипскиот дух и традицијата на заедништво. Авторите преку раскажани приказни и сведоштва ја оживуваат сликата на маалото, неговите жители и нивните вредности што се пренесуваат од генерација на генерација.

Меѓу присутните беа бројни граѓани, новоселци, како и претставници на Општина Штип, кои со внимание ги следеа зборовите на авторите и изразија признание за нивната посветеност. Публиката со носталгија ги сподели своите спомени, а промоцијата се претвори во вистинска вечер на сеќавање и гордост.

На крајот од настанот, авторите добија искрена благодарност за трудот и љубовта кон родниот крај, а организаторите им се заблагодарија на сите присутни што со своето присуство придонесоа за достоинствено одбележување на ова културно случување.

Со ова издание, „Штипско Ново Село“ доби своја писмена трага – книга што ќе остане сведоштво за културното и духовното наследство на градот.