Во новиот состав на Советот на Општина Штип седнаа претставници од најразлични професии – универзитетски професори, лекари, економисти, ученици и пензионери. Секој од нив влегува со своја визија и идеи, но со заедничка мисија: да придонесе Штип да стане поубаво и поквалитетно место за живеење.

На денешната свеченост беа врачени уверенијата на новоизбраните советници кои во наредните четири години ќе ги носат одлуките важни за развојот на општината.

Посебно внимание овојпат е посветено на младите – најмладиот член на Советот има само 18 години и е ученик во средното медицинско училиште во градот.

„Мојата заложба не е насочена само кон младите, туку кон сите граѓани на Штип. Во нашата програма имаме конкретни мерки и проекти кои треба да донесат подобри услови за сите,“ изјави советникот Христовски од Левица.

Слична визија споделуваат и младите советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои истакнуваат дека ќе се борат за поголема застапеност на младинскиот глас и создавање услови младите да останат, учат и работат во својот град.

„Како млад човек верувам дека нашиот глас мора да биде посилен и поприсутен. Ќе се трудиме да изградиме поубава и подинамична средина за сите генерации,“ рече советникот Коцев.

Највозрасниот член на Советот има 71 година и доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Според него, пензионерите, како и реализацијата на крупни инфраструктурни и капитални проекти, ќе бидат меѓу приоритетите во наредниот период, со цел сите граѓани да имаат еднаков пристап до општинските услуги и ресурси.

Во Советот се застапени четири политички партии – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ. И покрај различните политички определби, сите советници изразија подготвеност за конструктивна и одговорна работа во интерес на Штип.

Советот брои вкупно 23 членови. На последните локални избори најмногу гласови освои листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои обезбедија мнозинство со 16 советници. СДСМ има четворица претставници, Левица двајца, а ЗНАМ е застапен со еден советник. Во составот има 10 жени и 13 мажи. Паритетот меѓу половите е најизразен кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, додека советниците на Левица и ЗНАМ се мажи.