Со ликовна изложба, музички изведби и ревија под мотото „Мојата татковина“, денес во Штип свечено беше одбележан патрониот празник на средното училиште СОУ „Димитар Мирасчиев“. Настанот ги обедини учениците, наставниците и гостите во заедничка прослава посветена на ликот и делото на патронот на училиштето.
Професорката Варадиновска истакна дека темата на годинашната прослава ја поттикнува младината да ја негува љубовта кон родната земја преку знаење, труд и креативност.
„Темата ‘Мојата татковина’ е можеби највдушевувачката што досега сме ја обработиле. Преку наставата ги охрабруваме учениците да ја сакаат својата земја, да вложуваат во неа со љубов, почит и хуманост,“ рече таа.
Директорката на училиштето нагласи дека текстилното училиште располага со современо опремени работилници и квалификуван стручен кадар, што овозможува учениците на креативен начин да ги изразат своите идеи.
„Имаме услови и кадар кои им помагаат на учениците да ја развиваат својата љубов кон татковината преку труд и создавање,“ додаде директорката.
Свеченоста ја збогатија и гостите од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип, кои настапија со музички точки, како и најмладите учесници од ООУ „Димитар Влахов“, кои со својата изведба внесеа дополнителна топлина и радост на настанот.
Патрониот празник на СОУ „Димитар Мирасчиев“ и годинава беше повод да се потсети на значењето на трудот, знаењето и љубовта кон татковината – вредности што училиштето ги пренесува на своите ученици веќе децении наназад.




