Веќе неколку дена, жителите на Штип и околните населби се вознемирени поради гласни детонации што се слушаат во утринските и вечерните часови. Звукот на експлозии, според реакциите на граѓаните, се слуша и во централните делови на градот и во приградските населби, што предизвикува бројни прашања за нивното потекло.

По пријавите и обраќањата од граѓаните, нашата редакција побара објаснување од Министерството за внатрешни работи. Од МВР, преку писмено соопштение, појаснија дека детонациите потекнуваат од воени активности кои се спроведуваат на полигонот Криволак.

„На 26 октомври 2025 година во СВР Штип беше пријавено дека во реонот познат како ‘8 Километар’ биле слушнати силни експлозивни звуци, кои одекнувале и до селото Драгоево. По проверките, Полициската станица Неготино информира дека се работи за детонации од полигонот Криволак, каде што се одржува заедничка воена вежба на Армијата на Република Северна Македонија и вооружените сили на САД,“ стои во соопштението на МВР.

Од Армијата дополнуваат дека вежбата вклучува повеќе сегменти – координирано дејствување со оган, примена на нови беспилотни технологии и изведба на командно-контролни операции во динамична средина. Целта, велат, е подобрување на тактичките способности и практично усовршување на единиците во реални услови.

Според најавите од АРМ, активностите на Криволак ќе продолжат и денеска и утре, по што ќе следува кратка пауза за техничка евалуација на резултатите од вежбата.