Следната недела во Штип ќе започне рушењето на објектите од некогашното Нервно одделение, со што ќе се отвори простор за уредување на нова станбена зона со современ изглед и урбана функционалност. На оваа локација, која долги години беше запуштена, ќе никне ново модерно маало што ќе придонесе за поширок урбан развој на градот.
Паралелно со подготовките за уривање, Општина Штип го привршува проектот за изградба на типски куќи, во кои ќе бидат преселени ромските семејства што досега живееја во објектите на поранешното одделение. Според градоначалникот Иван Јорданов, проектот е целосно подготвен, а деновиве се изведуваат последните зафати на подземната инфраструктура.
„Следната недела ќе се започне со рушење на старите и руинирани згради на поранешното Нервно одделение – тема која долго време беше барање на жителите. Ромските семејства кои живееја таму ќе бидат сместени во новите типски куќи, а со тоа просторот ќе добие можност да се развива како нова атрактивна локација за домување. Верувам дека овој дел ќе стане посакувано место не само за штипјани, туку и за жители од околните населени места“, изјави Јорданов.
Покрај оваа активност, во завршна фаза се и други значајни проекти во истиот потег на градот. Изградбата на трговскиот објект „Лидал маркет“ привршува, а паралелно се уредува и паркот „Иднина“, кој ќе претставува ново зелено катче за одмор и рекреација.
„‘Лидал маркетот’ е речиси готов и ќе донесе нова динамика во овој дел на градот. Интензивно се работи и на паркот ‘Иднина’, кој ќе биде продолжение на булеварот и ќе го збогати урбаниот изглед на Штип. Станува збор за еден од најубавите паркови што ќе ги имаме во државата“, додаде градоначалникот.
Со овие паралелни инвестиции, просторот околу булеварот „Партизанска“ и поранешното Нервно одделение се трансформира во ново модерно градско подрачје. Градот добива подобра инфраструктура, уредени јавни површини и нови можности за домување и развој, со што Штип се позиционира како современ и атрактивен урбан центар во источниот дел на државата.




