Во штипската населба Осми ноември привршуваат градежните работи на булеварот „Партизанска“, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во последниот период. Со поставувањето на последните слоеви асфалт и улично осветлување, овој дел од градот наскоро ќе добие сосема нов, модерен изглед и ќе ја подобри сообраќајната функционалност.
Покрај финалните активности на булеварот, паралелно се уредува и паркот „Иднина“ – ново место за одмор и рекреација на штипјани. Според градоначалникот Иван Јорданов, паркот ќе биде вистинско продолжение на булеварот и ќе претставува едно од најубавите зелени катчиња во државата.
„Со денешното финализирање на сите активности, булеварот ‘Партизанска’ е практично готов. Деновиве ќе бидат поставени канделабрите, а сигнализацијата веќе е обележана. Проектот значително ја зголемува вредноста на овој дел од градот. Истовремено, паркот ‘Иднина’ ќе биде дополнителен украс, кој ќе го привлече вниманието и на граѓани од соседните места“, изјави Јорданов.
Градоначалникот најави и нови инфраструктурни зафати. По завршувањето на овој булевар, општината го насочува вниманието кон продолжувањето на булеварот „Гоце Делчев“ во насока кон Три чешми. Новата делница, долга околу 1,6 километри, ќе овозможи побрз и пофункционален излез од градот.
„Освен ‘Партизанска’, во тек е и проширувањето на булеварот ‘Гоце Делчев’, со што ќе добиеме современо уреден влез и излез од Штип. Во исто време, интензивно се работи и на изградбата на обиколницата што ќе ги поврзе населбите Пребег, Железничка и Плуждино“, додаде градоначалникот.
Во непосредна близина на новиот булевар се гради и трговскиот објект „Лидал Маркет“, кој дополнително ќе го заживее овој дел од градот и ќе му даде нова функционалност.
Со завршувањето на овие проекти, Штип добива модерна сообраќајна мрежа и уредени јавни простори, што го позиционира градот како водечки урбан центар во источниот регион на земјата. Новите булевари, паркот и обиколницата ќе придонесат за подобра поврзаност, поурбана средина и поквалитетен живот за сите жители.




