Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов ги потпиша решенијата со кои основната плата на пожарникарите се зголемува на 80.000 денари. На зголемувањето на платите на пожарникарите се спротистави општинскиот Совет.
-Хероите на Струмица, нашите пожарникари спасители од септември ќе ја добијат заслужената награда за својата храброст и пожртвуваност. Со новите решенија тие ќе бидат најплатени во Македонија, со месечна плата од 80.000 денари. Тоа е најмалку што можеме да направиме за луѓето кои секојдневно го ризикуваат сопствениот живот за да спасат туѓ, соопшти Костадинов.
Решенија за зголемување на платата добиваат и вработените од општинската администрација. Септемвриската платата ќе ја добијат зголемена за 20 проценти.
-Тоа е порака дека трудот и посветеноста во служба на граѓаните не остануваат незабележани. Знам дека ниту една бројка не може да ги надомести сите стресови, ризици и одговорности. Но ова е доказ дека Струмица знае да каже благодарам не само со зборови, туку и со дела. Ова не е само финансиска одлука. Ова е симбол на почит. Симбол на вреднување. Симбол на нова ера во која храброста и чесниот труд стојат на пиедестал, е ставот на градоначалникот Костадинов.
Како што најави градоначалникот, од утре почнува и исплатата на К-15 за административците.




