Во новата учебна година 2025/2026, речиси сите места во СОУ „Јане Сандански“ – Штип се зафатени. Од планираните 202 уписни позиции за прва година, досега се запишале 196 ученици, поради што училиштето е единствено во градот што не побарало формирање паралелки со намален број.
Најсилен интерес предизвика струката медицински сестри – таму се запишани 100 ученици. Пополнети се и забните техничари со 25 ученици, додека фармацевтските имаат 23, физиотерапевтските 22, а новиот профил – техничар за козметичка нега и убавина, започнува со 25 ученици. Токму во овој профил имало повеќе пријави отколку што имало места.
Директорката Марија Николиќ нагласи дека новата насока е воведена за првпат годинава, во согласност со барањата на пазарот на трудот. „Имаме обучен наставен кадар и воспоставена соработка со козметички салони во градот. Очекуваме овие ученици да покажат значајни резултати,“ рече таа.
Наставата во училиштето ќе почне на 1 септември – прва година ќе следи настава од 8:00 часот, втора година од 7:30, а третата и четвртата година ќе учат во попладневна смена, од 13:45 часот.




