Плановите за целосна реконструкција на студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип се пролонгирани за 2026 година, информираат надлежните. Иако беше најавено дека работите ќе започнат во 2024 година, проектот предвиден од Владата и Министерството за образование и наука е ставен на чекање уште најмалку една година.

Во меѓувреме, во текот на летните месеци кога домот е речиси празен, ќе се спроведуваат основни интерни активности со цел да се одржат барем минимални услови за престој. Меѓу планираните зафати се обелување на ѕидовите и санација на санитарните јазли.

„Бидејќи големата реконструкција е одложена, ќе се фокусираме на тековно одржување – како што се освежување на ѕидовите и поправка на санитарии“, изјави директорот на домот, Александар Барбашка.

Иако објектот е далеку од современ, интересот за сместување не опаѓа. Во една соба се сместуваат меѓу четири и шест студенти, а домот располага со три училници наменети за учење. Поради зголемената побарувачка оваа година, капацитетите се максимално искористени.

Според претходните најави, проектот за реконструкција вклучува сериозни зафати како замена на кровната конструкција, поставување фотоволтаични панели, и целосно реновирање на електричната и водоводната инсталација – мерки што би требало да ги подобрат условите за престој на студентите и средношколците. Но, засега, тие ќе мора да почекаат уште најмалку една година за подобрување на животниот и студиски амбиент.