Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денеска оствари средба и прием на штипскиот мотоциклист Петар Мијалков, по повод неговите последни успеси на меѓународната и домашната мото сцена.
На трките што се одржаа викендов на познатата патека во Серес, Грција, во рамки на БМУ Европскиот Шампионат, Мијалков блескаше меѓу 32 врвни натпреварувачи во класата F1000. Во првата трка го освои второто место, додека во втората успеа да се искачи на врвот и да ја однесе победата, поставувајќи нов стандард во македонскиот мото спорт. Паралелно со европскиот шампионат, се возеа и трки од Македонскиот Државен Шампионат, каде Петар Мијалков забележа две победи и уште еднаш потврди дека е без конкуренција на домашен терен.
„Штип има причина за гордост – со Петар Мијалков, нашиот град е дел од европската спортска елита. Петар е вистински спортски амбасадор на Штип и на Македонија. Со неговата посветеност, дисциплина и резултати ни покажува дека и од еден мал град како нашиот можат да произлезат европски шампиони. Локалната самоуправа ќе продолжи да дава поддршка на младите таленти и на спортот како важна алка во развојот на општината”, истакна градоначалникот Јорданов.
Мијалков се заблагодари за приемот и поддршката што ја добива од општината и додаде дека овие резултати се мотив повеќе да продолжи со уште поголема посветеност во идните трки.