Општина Штип започна со иницијални активности за изградба на нова улица низ населбата Суитлак, која ќе овозможи директна врска со село Љуботен преку месноста Струмина Чешма. Ова го соопшти градоначалникот Иван Јорданов на денешната прес-конференција.
Како што истакна Јорданов, оваа зона до неодамна беше препознатлива како викенд населба, но изградбата на браната на реката Отиња придонесе за значително зголемување на бројот на куќи за постојано живеење. Сепак, жителите се соочуваат со недостаток на соодветна патна инфраструктура.
„Во наредните денови ќе се пристапи кон првата фаза од проектот – асфалтирање на крак од улицата кој води кон Струмина Чешма, со што ќе се подобри пристапот до викенд населбата Суитлак. Општина Штип инвестира над еден милион денари за оваа намена,“ изјави градоначалникот.
Проектот е предвиден да се реализира во две фази. Во втората, ќе се продолжи со изградба на пат кој ќе го поврзе селото Љуботен со Штип преку медицинското училиште. Станува збор за патен правец во должина од повеќе од три километри, кој ќе биде не само асфалтиран туку и уреден со улично осветлување.
„Овој патен правец ќе обезбеди побрза и поефикасна врска со Љуботен. Иако моментално се користи претежно за рекреативни цели, во иднина ќе прерасне во важна сообраќајница за општината,“ додаде Јорданов.
Тој нагласи дека паралелно се спроведуваат активности за унапредување на патната мрежа и на други локации низ Штип, со цел да се подобри инфраструктурата во урбаните и руралните делови на општината.




