Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денеска во просториите на СОУ „Коле Нехтенин” им оддаде признание на младите спортисти од штипските основни и средни училишта по повод затворањето на манифестацијата „Пролетни денови на училишниот спорт”.
Настанот, организиран од Општина Штип и Сојузот на училишен спорт, оваа година собра околу стотина ученици кои се натпреваруваа во различни спортски дисциплини. На свеченоста, градоначалникот Јорданов им честиташе на најдобрите екипи, со посебен акцент на одбојкарките од ОУ „Димитар Влахов”, кои го освоија првото место во одбојка, и на футсал тимот од СОУ „Славчо Стојменски”, победници во оваа категорија.
„Преку вакви манифестации ја негуваме спортската култура кај младите и ја поттикнуваме нивната физичка активност, што е клучно за нивниот здрав раст и развој. Учениците покажаа исклучителен спортски дух, другарство и посветеност, а тоа се вредности што треба да ги негуваме и понатаму”, изјави градоначалникот Јорданов.
„Со манифестацијата „Пролетни денови на училишниот спорт”, Општина Штип ја продолжува својата заложба за поддршка на младите и развојот на училишниот спорт како темел на здрави и активни генерации“, велат од Општина Штип.