Иако има средства, Владата не дозволува вработување на воспитувачки во градинките во Струмица, реагира општината

Детските градинки во Струмица се соочуваат со сериозен недостаток на стручни лица, воспитувачи, негуватели и технички персонал, што ја загрозува основната функција на овие установи, аларамира Општина Струмица. Како што информираат од таму, од формирањето на новата Влада, биле испратени повеќе барања, но до денес не се добиени конкретни одговори, а едно барање е одбиено. Овие недостатоци сериозно влијаат на квалитетот на услугите и го доведуваат во прашање згрижувањето на сите деца во детските градинки на територијата на Струмица.

-Иако за 2025 година има предвидени средства за нови вработувања, Владата ги игнорира нашите потреби. Проблемите со детските градинки во Струмица се сериозни!, алармира градоначалникот Костадин Костадинов, кој аргументира со факти:

Детската градинка “Виножито”: Има капацитет за 17 воспитни групи и 300 деца, но во моментот згрижува 387 деца, додека 40 се на листата на чекање. Потребни се најмалку 10 воспитувачи и негуватели, и 3 технички кадри за нормално функционирање.

Детската градинка “Детска радост”: Има потреба од 14 нови вработувања, но не е добиен позитивен одговор од Министерството за финансии.

Недостаток на лиценциран кадар: Од 28.01.2024 година, по преземањето на Министерството за труд и социјална политика од страна на техничкиот министер, процесот на лиценцирање на кадар за работа во градинките се уште не е откочен. Ова значи дека веќе 15 месеци се немаат одржани испити за лиценцирање.

Според Костадинов, принудени се да размислуваат за други чекори и постапки со кои ќе се заштитат деца и нивните права, а до Владата упати порака: „Не дозволувајте да се загрози иднината на нашите деца!“