Со нанесување на првиот асфалтен слој, денес започна асфалтирањето на улиците “АСНОМ” и “Христијан Карпош” во штипската населба Леваци.

Според зборовите на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов станува збор за проект од општината финансиран од Светска банка.

  • Асфалтирањето на овие две улици е опфатено со проект на Општина Штип, финансиран од Светска банка, преку ресорното министерство за транспорт и врски. Изминатиот месец се работеше на промена на водоводната линија на овие улици, што е инвестиција на ЈП Исар, преку општината. Паралелно се третираа и тротоарските површини и се инвестираа некаде околу 9 милиони денари во реконструкција на двете улици, истакна Јорданов.

Како што нагласи крајна цел на општината за населбата Леваци е реконструкција на сите улици од оваа населба на кои не се интервенирало повеќе од 50 години.

  • По подолг период откако е изградена населбата, пред повеќе од 40-50 години никогаш до сега не била променета подземната водоводна инсталација и никогаш не била реконструирана инфраструктурата која што се користи во оваа населба, вели Јорданов.

Тој најави дека веднаш по завршување на реконструкцијата на улиците “АСНОМ” и “Христијан Карпош” ќе се продолжи со најавените градежни активности во населбата “Леваци”.