Започна Текстилијада 8 во Штип. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова присуствуваше на отворањето како и на откривањето на споменикот за текстилните работнички „Зашиени емоции“ во паркот кај Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“-Штип.
Таа во своето обраќање пред работниците и гостите истакна дека државата мора да ги искорени сите неправилности кои се јавуваат и да се заштитат работничките и работниците. Порача работниците и Здружението „Гласен Текстилец“ да бидат непоколебливи и бунтовни. Забележа дека ја радува и меѓународниот карактер на „Текстилијадата“.
- Тоа е многу важно, бидејќи кога гласовите ќе станат хор моќта е поголема. Сакам да потенцирам дека силата на една држава, или ако сакате силата на едно општество не е само во економијата и во животниот стандард и во технолошкиот развој, туку пред се во социјалниот капитал. Нема повредно нешто од човекот, во човечките ресурси, во вредностите што ги делиме и со кои живееме. Затоа јас сакам Македонија да ја градиме како отворена, социјална држава без оглед на партиската идеологија и определба, рече Сиљановска-Давкова.
На „Текстилијада 8“ се обрати и Валон Садики, претставник на FES – Фондацијата „Фридрих Еберт“, кој истакна дека им е важна блиската соработка со синдикатите и организациите кои се борат за заштита и унапредување на работничките права. И токму во оваа насока, како што рече, борбата за подобри работнички права е од суштинско значење.
Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов посочи дека текстилната индустрија е белег на градот Штип и затоа, како што рече, имаме обврска како град да се бориме текстилната индустрија да се развива, а таа да генерира развој. Тој забележа дека во оваа индустрија во градот Штип се вработени околу 8.000 текстилни работнички и работници.
Претседателката на „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева истакна дека во изминатата година имаат дадено правна помош на илјадници работнички и работници, судски постапки и имаат дадено иницијативи и пред Уставен суд, лобирање за подобри законски регулативи. Посочи дека на оваа „Текстилијада“ сакаат да видат и дали ќе имаат соработка и со новата власт, а во интерес на правата на работниците.
На „Текстилијада 8“ денеска и утре се предвидени четири дебати поврзани со работничките права, но и како да се подобри соработката меѓу институциите.