Oд денес во Штипската Противпожарна единица, ставено е во функција новото противпожарно возило, со опрема и скала од 12,5 метри, донација од Здружението „Операција Флоријан“ од Велика Британија.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и командирот на ТППЕ-Штип, Благој Ренџов на денешната средба со новинарите истакнаа дека ова е втора донација на возило и опрема од „Операција Флоријан“, за штипските пожарникари.
- ТППЕ-Штип е поголема единица и оперира на поголема територија и има потреба од нова и современа опрема со којашто ќе делува и интервенира. Навистина ми е задоволство што комуникацијата којашто ја имавме со оваа здружение, еве по вторпат во 2024 година добиваме уште едно возило, со коешто значително ќе се подобри состојбата со возилата и опремата, вели Јорданов.
Командирот на ТППЕ-Штип, Ренџов посочи дека новото возило располага со опрема за интервенирање при сообраќајни несреќи, елеци за спасување на давеници и скала од 12,5 метри.
- ТППЕ-Штип во моментов располага со пет теренски возила, камиони и два џипа, а новото противпожарно возило е опремено со нова современа опрема за интервенции, вели Ренџов.
Претходно штипските пожарникари една недела биле на обука, со цел полесно да управуваат, но и да ја користат опремата со возилото.