По завршувањето на манифестацијата Штипска Пастрмалијада која се одржа викендов во Штип, во наредниот период ќе продолжат активностите за доуредување на шеталиштето “Ванчо Прќе”, до негово целосно комплетирање, информираше на денешната средба со новинарите, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

  • Заради организирање на манифестацијата, оваа улица беше приспосебена за да служи како привремено шеталиште, но не е довршена. Во наредните денови ќе се работи на поставување на урбана опрема, жардинери, садници, сето она што го предвидува самиот проект. Ќе се преуредуваат самите павер елементи, а имајќи во предвид дека сеуште се работи на улицата, очекувам во наредните денови и недели целосно да се заврши со она што е предвидено и конечно шеталиштето да го добие посакуваниот изглед, истакна Јорданов.

Како што нагласи, со тоа ќе се финализира првата фаза од уредување на шеталиштето, а во иднина планирано е и уредување на изгледот на околните станбени згради со цел Штип да добие модерно шеталиште со модерен и урбан изглед.

  • Верувам дека и покрај тоа што шеталиштето не е довршено, сите гости и сите штипјани кои имаа можност да прошетаат за време на манифестацијата имаат позитивни впечатоци, затоа што без сомнение на Штип му фали дел од градот каде што ќе може да се помине дел од слободното време и тоа во убав амбиент, додава Јорданов.

По целосното уредување на шеталиштето, градоначалникот Јорданов најави времен режим на движење, истакнувајќи дека во периодот од 06 до 10 часот истото ќе биде отворено и за моторни возила, како би се овозможила непречена достава до деловните објекти на улицата “Ванчо Прќе”.