Општина Струмица од 80 општини се најде на четвртото место на Индексот за социјална инклузија на младите на локално ниво на Националниот младински совет на Македонија.
„Само 4 општини се одлични и се квалификуваат како пријателски настроени кон младите и тоа Општина Охрид, Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија“, пишува во објавениот документ на НМС.
Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов смета дека високото рангирање е потврда на постојаните заложби на општината за младински вклучување и обезбедување на кбалитетен живот на младите.
– Ова признание ја потврдува континуирана посветеност на општина Струмица и јас како градоначалник за подобрување на квалитетот на животот на младите и обезбедување уште поголема поддршка за активно учество на младите во сите сфери на општествениот и политичкиот живот. Јас како градоначалник заедно со мојот тим ќе продолжиме да се стремиме кон подобрување на условите за младите и да ја зајакнуваме нивната улога во нашата заедница, вели Костадинов.
Документот беше изработен со цел да се зголеми вклученоста на младите во креирањето политики од страна на ЕЛС. Во рамките на проектот се дизајнираше и се спроведе Индекс за социјална инклузија на младите на локално ниво, кој ги оценува вклученоста на младите во локалните заедници во Северна Македонија, вклучувајќи ги: пристапот до услуги, информациите, вклученоста на локалните политики, учеството на младите во одлучувачките процеси и процесите на креирање политики.
Индексот покажува рангирање на ЕЛС според социјална вклученост на младите, како и добри практики и препораки за подобрување.