Сутеренот на општинската зграда во Струмица станува Младински центар

Зградата на општина Струмица и официјално и практично отворена за младите. Имено, во поранешните сутеренски простории на општинската зграда почна изградбата на Младинскиот центар во Струмица, кој за рок од половина година треба да биде адаптиран и уреден. Станува збор за површина од 400 квадратни метри каде младите ќе може да учествуваат во креирањето на локалните политики, но и да реализираат трибини дебати форуми за важни прашања на заедницата.

Сутеренот е избран за пренамената, откако долги години стои неискористен и досега се користеше како магацински простор.

-Спроведени се сите постапки за реализација на проектот, од изработка на основен проект за адаптација на просторот и внатрешно уредување на младинскиот центар, спроведена јавна набавка за уредување и адаптација за што од општинскиот буџет се издвоени 7.200.000 денари со ДДВ. При крај на градежните активности ќе распишеме и јавен повик за избор на младинска организација која ќе раководи со Младинскиот центар, рече градоначалникот  Костадин Костадинов.

Проектот на реконструкција предвидува уривање на дел од постоечките ѕидови, отстранување на прегради, демонтажа на столаријата, опремата, преградите и ѕидните плочки во санитариите, а се заменуваат целосно водоводната, канализационата и електричната инсталација.

За шест месеци овој простор треба да прерасне во Центарот , со простор за забава и средби, а средишниот, најширок слободен простор, да стане дел за едукативни активности, индивидуална работа и работа во групи, организирање на конференции, предавања и организирање изложби и други настани од рекреативен карактер, а ќе има и амфитеатар.