Со почетокот на новата учебна година се враќа во функција јавниот превоз за учениците на територија на Општина Штип и Карбинци, изјави денеска директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Панче Стефановски.
Посочи дека од утрово, јавниот авобуски превоз се одвива во најдобар ред, без никакви проблеми и задоцнувања во однос на поаѓањето. Сите ученици се земени навреме и безбедно однесени до училиштата.
- Од одговорните лица во оваа дејност имам информации дека ова утро, јавниот превоз се одвива во најдобар тек, сите линии на територија на Општина Штип и на Општина Карбинци функционираат нормално, без некакви задоцнувања и проблеми. Сите ученици се земани и безбедно однесени до училиштата и се надевам, дека ќе продолжиме понатаму да функционираме без никакви проблеми, како и во изминатата година, рече Стефановски.
Тој вели дека возните редови за јавниот превоз ќе бидат објавени на социјаните мрежи, а со тоа граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со линиите.
Од денеска јавниот автобуски превоз во Штип добива уште две нови линии или како што вели Стефановски се воведе и четврта зона која ја опфаќа и новата линија од Трговскиот центар, селата Лакавица, Софилари, Пенуш, Драгоево, Селце. Втората линија е во правец кон Општина Карбинци, кон селата Караорман и Долни Балван, а двете нови линии се достани за сите граѓани. Идејата на ваквиот линиски превоз е да има безбеден, но и поевтин превоз кој ќе биде достапен и за жителите од Општините Штип и Карбинци.