Двајца пожарникари од Тертиторијалната противпожарна единица во Штип се повредени при вчерашното гаснење на пожарот кај старата штипска депонија меѓу населбите Пребег и Мерите, информираат од Општина Штип.
Станува збор за командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ)-Штип Благој Ренџов кој при вчерашното гаснење на пожарот на старата депонија, односно при интервенцијата се здобил со скршеници на двете раце.
Синоќа заедно со него во болницата е хоспитализиран уште еден штипски пожарникар, кој при вчерашната интервенција се здобил со скршеница на едната рака.
Во штипска Клиничка болница се хоспитализирани синоќа околу 20.30 часот, а командирот на ТППЕ-Штип е задржан на болничко лекување, откако претходно и бил опериран.
Инаку за него пожарникарите велат дека во изминатите речиси две недели заедно со нив ги гаснеше пожарите на планината Серта и во штипскиот и неготинскиот дел, не штедејќи се за да се стават пожарите под контрола на неколку локации.