Со придвижување на белиот пиун на Е-4 градоначалникот на Штип Иван Јорданов денес го означи почетокот на меѓународниот шаховски турнир за слепи и слабовидни лица кој до четврток се одржува во Штип.
Станува збор за турнир во организација на Здружението на слепи лица на град Штип, на кој ќе земат учество вкупно 16 шахисти со изгубен или оштетен вид. Покрај од земјава ќе се натпреваруваат и шахисти веле и фиде мајстори од Република Бугарија и Република Србија, што го прави турнир од меѓународен карактер и прв во поединечна категорија за слепи лица, во земјава.
Како што истакна претседателот на Здружението на слепи лица на град Штип, Драги Витанов турнирот се организира со целосна поддршка од локалната самоуправа на општина Штип и е само уште една потврда за плодната соработка на здружението со општината.
- Турнирот го организираме со финансиска поддршка на локалната самоуправа како и со поддршка на Државниот студенстки дом Браќа Миладиновци, каде учесниците на турнирот ќе престојуваат заедно со своите придружници. Ќе бидат доделени прва, втора и трета награда за најдобропласираните , а обезбедена е и награда за најдобрата жена шахист, истакна Витанов.
Градоначалникот Јорданов ја поздрави организацијата на настанот, посочувајќи дека на овој начин само се продлабочува веќе воспоставената комуникација и соработка со Здружението на слепи лица на град Штип и изрази надеж дека истата активно ќе продолжи и во наредниот период пред се во насока на олеснување на животот на слепите лица.
- Нашата обврска како локална самоуправа е да го олесниме нивниот начин на живот, не само преку поддршка на организација на одредени настани со кои тие ќе се анимираат туку и по однос на уредувањето на самата инфраструктура во градот, нагласи Јорданов.
Во рамки на годишната програма за работа утре Здружението на слепи лица на град Штип организира и хуманитарен концерт во НУЦК “Ацо Шопов” на кој ќе настапат и дел од учесниците на шаховскиот турнир како и други претставници од здруженијата на слепи лица од Бугарија и Србија, но и слепи лица од нашата земја како и познати и врвни музички имиња од домашната народна сцена. Почетокот на концертот е во 19.30 часот а влезот е слободен.