Од денес градскиот автобуски превоз во Штип ќе сообраќа со изменет сообраќаен режим.

Како што истакна директорот на ЈП „Стипион” Панче Стефановски, тоа значи дека одредени автобуски линии ќе бидат редуцирани во текот на летниот период.

  • Во функција ќе бидат линиите до Стар Караорман, до Чардаклија, потоа Три Чешми, Балканска и Македонка, до село Радање и редовната линија до бањата Кежовица. Овие линии ќе бидат во функција, сите останати ќе бидат суспендирани до почетокот на новата учебна година, вели Стефановски.

Тој исто така истакна  дека е задоволен од функционирањето на јавниот градски превоз во Штип, кој почна од лани во септември. Граѓаните на Штип, но и на Карбинци го користат автобускиот превоз, бидејќи е и безбеден и поефтин. Тој најави дека од септември планираат воведување и на нови линии до селото Долни Балван и селата во Плачковица.

  • Планирана ни е набавка на два нови автобуси, едниот со капацитет за 60 места за седење и стоење и еден помал автобус со капацитет за 28 места. Планирани се околу седум милиони денари, вели Стефановски.

Посочи дека новите автобуси се очекува да бидат ставени во функција во септември со стартот на новата учебна година.