Околу 50 дечиња се на листата за чекање за упис во штипските детски градинки. Според зборовите на раководителката на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева, ова се должи на малите капацитети на детските градинки, но и недостигот на кадар.
Повеќе од 40 работни места во градинките останаа празни по основ на пензионирање, а веќе две и пол години не се вработуваат ниту наставен, ниту технички кадар.
- Општината во иднина планира проширување на капацитетите, да се изгради нова детска градинка и секако се надеваме дека министерството ќе излезе во пресрет и ќе ги даде потребните дозволи за прием на нов кадар, кој ќе работи со дечињата, бидејќи мораме да нагласиме во последните две и пол години не беа дадени, ниту една согласност за вработување на кадар, којшто ни е неопходен во градинките, покрај тоа што голем дел од вработените заминуваат во пензија, меѓутоа местата не се пополнуваат. Така што директорите имаат проблеми да менаџираат со постоечкиот кадар, вели Санева.
Додава дека од друга страна законската регулатива не дозволува формирање на поголеми групи, кај помалите дечиња.
- Децата до една година можат да бидат во група од шест до осум дечиња. Дечињата коишто се над пет годишна возраст можат да бидат во групи од 20 деца, меѓутоа малите бараат посебни услови и креветчиња, каде што ќе бидат сместени. Апсолутно тука сме немоќни да направиме нешто повеќе и да го зголемуваме бројот, вели Санева.
Општина Штип пред извесно време дел од училниците во подрачното училиште во приградската населба Три Чешми ги преадаптира за згрижување на дечиња од претшколска возраст од оваа населба, но се уште не се добиени неопходните дозволи за пуштање на овој капацитет.
Според Санева, од општината се надеваат дека од септември веќе ќе бидат завршени сите работи и ќе бидат пуштени во употреба и овие згрижувачки простори.