Деновиве интензивно се работи на уредување на нов паркинг простор во централното градско подрачје, информираше денес на средба со новинарите градоначалникот Иван Јорданов. Како што посочи тој  станува збор за една подзаборавена површина на улицата “Тодор Чучков”, веднаш зад зградата Промаја,  која ќе се уреди со павер елементи и истата ќе може да се користи како паркинг површина.

  • Повеќе од шестотини квадрати ќе бидат уредени во централното градско подрачје, имајќи во предвид дека станува збор за едно прометно место, тесно грло во градот кое бара дополнителни паркинг позиции , истакна Јорданов.

Тој нагласи дека дополнителни милион денари од Буџетот на општината се издвоени за уредување на овој паркинг простор кој како што вели бил неискористен во годините наназад.

Потсети дека во текот на изминатите денови се реконтруираше и улицата Корушка на која веќе е поставен првиот асфалтен слој, а во текот на наредните денови ќе се поставува и вториот.

Паралелно со актуелните градежни активности, Јорданов најави и целосна реконструкција на улицата “Иво Лола Рибар” кон населбата Стар Конак, при што како што рече најпрво ќе се менуваат канализационата и водоводната мрежа, а потоа ќе се изврши и асфалтирање на улицата.

Според зборовите на градоначалникот Јорданов, во текот на целиот овој месец се продолжува  со интензивно уредување и реконструкција на улиците од населбата Горно маало, што ќе овозможи истата да добие нов урбан и модерен лик.