Интензивно се работи на изведба на водоводна линија два во Штип. Цевките од оваа линија која ќе го реши проблемот со водоснабдувањето на високите зони во градот се поставуваат низ  штипската населба Пребег. Општина Штип паралелно работи и на реконструкција на тротоарните површини.

Градоначалникот, Иван Јорданов на средба со новинарите рече дека по завршување на градежните активности во оваа населба  ќе се пристапи кон изградба на резервоарите со што ќе се реши проблемот со водоснабдувањето и слабиот проток на вода летниот период. Улиците ќе бидат раскопани, па Јорданов повика на трпение со цел да се решат проблемите со водоснабдувањето во ова населено место.

-Самата „Линија 2“ и изведбата на оваа водоводна линија ќе предизвика дел од коловозната лента и од тротоарите да бидат раскопани. Сакам да истакнам дека по завршувањето на изведбата на „Линија 2“ ќе се уредуваат тротоарските површини со павер елементи и секако дека ќе се санира. Дополнително она што ги засега жителите е проблемот со водоснабдувањето и слабиот притисок во летните месеци. Овој проблем ќе биде решен со долгоочекуваниот резервоар во населба Пребег, истакна Јорданов.

Речиси два милиони евра се потребни за изградба на резервоарот Пребег и Линија 2, а околу два милиони денари ќе се издвојат за уредување на тротоарските површини. Јорданов посочи дека станува збор за сериозни финансиски средства кои ќе се искористат со цел да се реши приблемот со водоснабдувањето во ова населено место.

  • Тротоарските површини кои ќе се уредуваат сигурно се инвестиција вредна околу два милиони денари. Дополнително изведбата на Линија два и изградбата на резервоар Пребег – се инвестиција која делумно е од средствата од самопридонесот кои ги имаме на наменска сметка. Изградбата на резервоарот Пребег е околу половина милион евра, а линија два вклучувајќи ја целата траса изнесува 1,2 милиони евра, рече Јорданов.

Јорданов се надева дека до крајот на годината со интезивна работа на терен ќе дојде до завршување на проектот со што и жителите од штипската населба  Пребег, но и во останатите високи зони на градот ќе го надминат проблемот со водоснабдувањето.