Со вредносни ваучери за најуспешните ученици од ромската заедница и со ветување за нивна поголема интеграција во општеството, Општина Штип го одбележа 8 април, Меѓународниот ден на ромите.

На церемонијата и претходеше интонирање на македонската и химната на ромите како и обраќање на градоначалникот на општината, Иван Јорданов. Тој и во оваа прилика потсети дека ромите никако не треба и не смеат да бидат дискриминирани, затоа што подеднакво како и сите останати допринесуваат во развој на нашето општество.

Потенцираше дека секој ден од годината а не само денес треба да се работи на решавање на проблемите со кои најчесто се соочуваат припадниците на оваа заедница.

  • Ромската заедница не треба и не смее да биде дискриминирана затоа што тие се дел од нашето општество, дел од нашето секојдневие. Заеднички допринесуваат со сите останати сограѓани, затоа и не само овој ден кога гласно зборуваме за проблемите со кои што се соочуваат ромите туку секој ден треба да ни биде посветен на решавањето на проблемите на членовите на ромската заедница, нагласи градоначалникот Јорданов.

Меѓународниот ден на ромите им го честиташе и Ерол Адемов, општински референт за односи во заедницата, кој меѓу другото одговарајќи на новинарско прашање нагласи дека проблемот со бездомништвото е и понатаму проблем број еден за припадниците на ромската заедница во градот.

  • Со проектот кој го имаме заедно со нашата општина, Општина Берово и Зелен институт се надевам дека оваа година конечно ќе можеме да го решиме проблемот на нашите сограѓани бездомници. Оваа година ќе го реализираме овој проект со цел да се изградат 41 типска куќа за сите кои живеат во поранешно нервно и трајно да се реши овој проблем на овие граѓани, истакна Адемов.

Тој посочи и дека доделувањето на вредносните ваучери за најуспешните ученици, е само поттик повеќе за младите припадници на ромската заедница да постигнуваат подобри резултати, да има што повеќе високообразовани кадри кои пак во иднина ќе значат поголем број роми кои ќе можат да одговорат на предизвиците и проблемите со кои се соочува оваа заедница во општеството.