Во пресрет на меѓународниот ден на водата, 22 март, денес во Општина Штип, ученици од петте основни училишта во градот преку презентација учеа како да ја штедат водата.
Под мотото “Водата ја штеди затоа што пари вреди”, комуналниот инспектор при Општина Штип, Борче Везенков им посочи на најмладите за значењето на водата и како и зошто треба да создадеме навика за нејзино штедење.
- Знаеме дека имаме големи загуби на вода и истата треба да ја штедиме, бидејќи доколку не ги учиме најмладите како да ја штедат водата можеме да имаме проблеми со недостаток на вода. Да се штеди водата значи кога се мијат заби да не се остава водата да тече, да знаат децата како треба да се полеваат цвеќињата и во кој период од денот, повеќе начини на кои можат да се заштедат количините на вода, рече Везенков.
Тој апелираше да не ја расфрламе водата бидејќи се почести се недостатоците од истата, а потсети и дека на светско ниво дури една третина од популацијата нема чиста вода за пиење.