Денес на улицата “ Кеј Димитар Влахов “ во населбата Ново Село, започнаа градежните активности за промена на водоводната линија на улицата но и за решавање на проблемот со атмосферските води кои во минатото се создавале на овој дел од градот.

Како што нагласи градоначалникот Иван Јорданов на денепната средба со новинарите, активностите ќе се одвиваат во неколку фази, а денес отпочнуваат градежните активности во првата фаза кои се очекува да бидат финализирани во текот на наредните неколку дена.

  • Ова е првата фаза од активностите кои ќе завршат во наредните неколку дена, а веднаш потоа продолжуваме со уредување на тротоарските површини со поставување на павер елементи и комплетно поставување на заштитни столбчиња за да се овозможи слободно и безбедно движење на пешаците по тротоарските површини, истакна градоначалникот Јорданов.

Околу три милиони денари ќе одвои општината од својот буџет за реализација на севкупниот проект, кој како што вели Јорданов ќе продолжи и во насока на подобрување на безбедноста на пешаците кои пешачат на потегот кон градските гробишта.

  • Следната или втората фаза е подобрување на безбедноста на пешаците кои пешачат на делот пред клисурата, односно на излезот од градот на делот кон државното училиште Искра, односно гробиштата каде што е еден небезбеден дел кој е непристапен за проширување на тротоарите и коловозот, па ќе мора со едно конзолно решение да се направат дополнителни тротоарски површини кои ќе бидат оградени за да можат пешаците да бидат многу побезбедни, вели Јорданов.

Додава дека со подобрувањето на  временските услови, се надеваат дека сите активности на територијата на Општина Штип кои веќе се започнати ќе бидат интензивирани и завршени во предвидените временски рокови.