По 40 години струмичката Гимназија доби нова спортска сала

Учениците на СОУ „Јане Сандански” од Струмица наставата по физичко образование ја изведуваат во нова спортска сала, што е заедничка инвестиција на училиштето и општина Струмица. Салата е со вкупна површина од 450 метри квадратни со димензии 15 на 30 метри, а има и простор со гардероби, канцеларии за професорите и помошни простории-магацини за складирање и чување на реквизитите.

Салата во употреба ја пуштија градоначалникот Костадин Костадинов и директорката на училиштето Невенка Стојанова. Градоначалникот Костадинов потсети дека Гимназијата даде многу таленти како  Владо Илиевски,кој  не само струмичка, туку и македонска легенда.

-После 40 години нашата Гимназија добива училишна спортска сала каква што заслужува најстарото училиште во Струмица, училиштето кое низ годините наназад давало многу успешни луѓе и големи успеси, со кои сме горди и денешната администрација, јас како градоначалник и сите луѓе кои имале било каква допирна точка со Струмица. Посакувам уште многу таленти да даде гимназијата, уште многу спортски легенди како што е Владо Илиевски со кој веќе разговаравме, игралиштето на отворено да биде негова донација, во знак на благодарност кон училиштето коешто е најголем виновник за тоа што денеска е Владо Илиевски, не само струмичка, туку и македонска легенда. На професорите, на учениците, на целиот тим, кој што се погрижи оваа убава спортска сала да биде наша реалност, им честитам и посакувам да ни се множат успесите и во спортот и во спортската инфраструктура, оти Струмица веќе и нема училиште коешто не е реконструирано и во градот и во населените места, така да влегуваме во една нова етапа во модерната историја на Струмица, рече градоначалникот Костадинов.

Новата сала покрај за активностите поврзани со физичкото образование на учениците од ова училиште во мали спортови како што се кошарка, одбојка, гиманстика, ракомет и слични други активности, ќе служи и за одржување на натпревари.