Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вчера во соборниот храм „Свети Никола” на свечената академија постхумно го врачи орденот „Свети Никола“ на македонскиот поет и револуционер Ацо Шопов.
Орденот го прими ќерката на револуционерот- Јасмина Шопова, која истакна дека е благодарна што пред се градот во кој е роден Шопов му се заблагодарува на овој начин.
- Ацо Шопов е од тука и тој го однесе во светот, прво во Македонија, па во тогашна Југославија, па надвор од границите од Југославија, го однесе на некој начин македонскиот збор, македонскиот поетски збор, надвор од границите и се залагаше многу за афирмација на македонската култура, како во рамките на нашиот регион, така и во светски рамки, рече Шопова.
Вчера градоначалникот Јорданов го додели и признанието „Свети Никола” на универзитетскиот професор, Зоранчо Малинов, ученикот Марио Ванчовски, Лина и Драган Костадинов и Ротари клубот – Штип.
Во своето обраќање по повод патрониот празник на градот ја истакна важноста на солидарноста помеѓу луѓето.
-Мораме да бидеме пример, да бидеме солидарни, да си помагаме во тешки моменти еден на друг, да бидеме поткрепа без разлика на социјалниот статус и било каква друга определба, рече Јорданов.
Општина Штип со чествување на својот патрон, заштитникот Свети Никола продолжува и денес со светата архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан, во сослужение со повеќе Архиереи од МПЦ ОА.
За време на литургијата ќе бидат изнесени на поклонение и дел од светите мошти на „Свети Никола“, а славскиот колач ќе се подели на верниците на градскиот плоштад „Слобода”.