На гала доделувањето на награди од страна на Европскиот парламент во Брисел, делегацијата од Општина Штип ја доби наградата и признанието за Европски град на спортот за 2024 година.

Според градоначалникот Иван Јорданов ова значи можност за развој на спортот, но и да се добие поддршка од фондовите на ЕУ за добивање на проекти за изградба на спортски сали, објекти, игралишта, како и да се организираат меѓународни спортски натревари во Штип.

  • Како град ова е една поголема  одговорност за да создадеме вистински вредности, преку коишто ќе се развива спортот во нашиот град. Сакам оваа прилика да ја искористам, да се заблагодарам на спортските клубови и спортските работници, коишто и најпрактично се заслужни што Штип го доби овај примат и оваа можност да преку ова признание создадеме развој на спортот во нашиот град, вели Јорданов.

Одговарајќи на новинарско прашање за доизградбата на затворениот базен во градот, Јорданов додаде дека во комуникација со надлежните од Агенција за млади и спорт добил уверување дека тие ќе продолжат со овој проект, кој извесен период е стопиран. Посочи дека очекува во 2024 година да биде ставен во употреба затворениот базен, но доколку не продолжи изградбата Јорданов вели дека Општина Штип е подготвена да ја преземе обврската и да го доизгради овој базен.

  • Верувам дека во 2024 година освен признанието ќе се изградат и ќе се дади можност за користење на многу спортски објекти, сали коишто ќе допринесат за развој на спортот во нашиот град, рече Јорданов.

Што се однесува за спортскиот центар „Џексон“ се очекува на почетокот на 2024 година да се распише тендерска постапка за изградба на овој објект, а финансиите се обезбедени и ќе бидат предложени во буџетот за 2024 година.

Јорданов истакна дека приоритет е и изградба на сала за боречки спортови, како и две училишни спортски сали во населбите Три Чешми и Караорман.