Продолжува уредувањето во населбата горна Железничка. Во текот на изминатите неколку месеци во овој дел од населбата се работеше на поставување на секундарната фекална канализациона мрежа, што повеќе од 30 години беше проблем за тамошните жители, вели градоначалникот Иван Јорданов.

  • Повеќе од 30 години жителите од овој дел на населбата, повеќе од 100тина домаќинства немаа фекална канализација. Ветувањето дека ќе обезбедиме пристојни услови за домување веќе го реализираме. Ја завршивме секундарната инсталација на канализационата мрежа а денес започнуваме со асфалтирање на краците кои претходно беа во кал и прашина, рече градоначалникот Јорданов.

Во текот на овој месец тој најави уредување на населбата и со други содржини , како и решавање на проблемот со канализацијата во долна Железничка по барање на тамошните жители.

  • Можеби со годините наназад граѓаните се изневерени и секогаш се исплашени дека нивната населба ќе остане не уредена, но јас сум сигурен дека динамиката која ја имаме предвидено и со која се движиме, до крајот на оваа година сите предвидени активности ќе бидат реализирани, истакна Јорданов.

За асфалтирање на улиците во населбата Железничка се обезбедени нешто повеќе од 2 милиони денари, нагласи првиот човек на градот кој воедно потенцираше и дека главната канализациона мрежа која треба да биде поврзана со онаа која се поставуваше во текот на изминатите месеци, ќе започне да се реализира во текот на наредниот месец со што до крајот на годината ќе се реши деценискиот проблем на домаќинствата со фекалната канализација.