По претходно завршените подготовки, започна асфалтирањето на улицата “Пиринска”, во централното градско подрачје. Како што истакна градоначалникот Иван Јорданов уште неколу улици ќе бидат асфалтирани во текот на наредните денови, откако претходно се работеше на промена на водоводната линија, а започнаа и активностите за уредување на тротоарските површини на улиците „Партизанска“ и „Лески“.

  • Овде освен улицата „Пиринска“ ќе бидат изасфалтирани и улицата „Карл Маркс“, „Добре Радосављев“, „19 Бригада“ кои во изминатиот период беа третирани со замена на старата структура односно на водоводната линија. Освен овие улици може да забележете дека во неколку населби од нашиот град се врши уредување, асфалтирање, поставување на павер елементи, вели Јорданов.

Тој нагласи дека во текот на наредните денови ќе започне промената на подземната инфраструктура на улицата „Охридска“ и на краците од оваа улица, а ќе биде асфалтиран и крак од улицата „Ванчо Прќе“. Штипскиот градоначалник, Јорданов тврди дека до крајот на неговиот мандат сите улици и краци на територија на Штип ќе бидат асфалтирани.

  • Можеби ќе бидам субјективен, но во една ваква криза и во една ваква околност во која работиме имајќи во предвид дека бевме присилно натерани да враќаме кредит и каматни стапки од некои минати времиња кон министерството за финасии, имаме целосно кочење од централната власт, ние успеваме да покажеме активност. Јас сум убеден дека во наредните две години до крајот на мојот мандат со оваа динамика ќе бидат реконструирани сите улици и краци на територија на Штип, истакна Јорданов.

Првиот човек на Штип најави уште посилна динамика на градежни активности до крајот на годината.