Со започнување на уредувањето на дел од станбените згради на улицата Пиринска, продолжуваат градежните активности во повеќе населби низ градот, со што се сака Штип да добие еден поурбан и помодерен лик, истакна денес пред новинарите градоначалникот Иван Јорданов.
Тој потенцираше дека паралелно се работи и на подготовка за асфалтирање на еден крак од улицата “ Ванчо Прќе “ во центарот на градот.
- Продолжуваме со активностите во неколку населби во нашиот град. Денес започнува уредувањето на влезот на станбена зграда на улица „Пиринска“. Ќе се изврши асфалтирање на овој потег, партерно уредување на еден дел од станбената зграда. Очекувам во текот на денот или најдоцна утре да се започне со припрема за асфалтирање и на пристапната улица, односно крак од улицата „Ванчо Прќе“, изјави Јорданов.
Додава дека до сега се уредени дваесетина влезови на станбени згради низ градот, а до крајот на годината планирани се уште најмалку десетина. До сега хортикултурно се уредени влезовите во населбите Автокоманда и Сењак, а се работи и во 8 Ноември. Градоначалникот Јорданов нагласи дека на терен активности ќе има додека дозволуваат временските услови.
- Како што знаете во изминатиот период работевме на партерно уредување на влезовите на станбени згради во населбата Автокоманда, во Сењак, а влегуваме и во населбата 8 Ноември. Повеќе од 20 станбени згради се со завршени влезови и пристапи. Очекувам до крајот на годината да бидат опфатени повеќе од десетина станбени згради со уредување, асфалтирање на пристапни улици и слично, рече Јорданов.
До сега реализираните и допрва планираните проекти за хортикултурно уредување на влезовите на станбените згради, како што вели се по барање на граѓаните на Општина Штип.