Со започнување на изградба на конзоли на потегот од плоштадот Слобода до хотелот Оаза, продолжува реализацијата на проектот за поставување конзоли на реката Отиња. Станува збор за проширување на најтесното грло во централното градско подрачје, со цел како што вели градоначалникот Иван Јорданов да се зголеми бројот на паркинг места во овј дел од градот, но и да се прошири една од најфреквентните сообраќајници.

Поголемиот дел од средствата за реализација на овој проект се обезбедини благодарение на амандманот кој го поднесе пратеникот на ВМРО ДМПНЕ од Штип, Никола Мицевски.

  • Благодарение на поднесениот амандман обезбедени се 5 милиони денари, кои веднаш почнавме да ги инвестираме, а дополнително 2,5 милиони денари за овој потег се одвоени од буџетот на општината, рече Јорданов.

Со завршувањето на градежните активности на овој потег, што градоначалникот Јорданов се надева ќе се случи до крајот на оваа година, како што вели, ќе се овозможат и побрз проток на возила но и поголем број паркинг места во централното градско подрачје. Но активностите не завршуваат овде, вели Јорданов.

  • Во буџетот на Општина Штип одвоивме дополнителни 15 милиони денари за поставување конзоли на потегот од ООУ Ванчо Прќе до Основен суд Штип, а во текот на наредните месеци очекувам да се избере најповолен понудувач и да се реализира и овој дел од проектот, прецизира Јорданов.

Со тоа двете најфреквентни улици во центарот на градот, низводно на реката Отиња, како што вели Јорданов ќе бидат проширени со што целосно ќе се промени и изгледот во централното градско подрачје.

Граѓаните беа скептични на почетокот, но како што завршува реализацијата на проектот, централното градско подрачје на Штип добива сосема поинаков лик, вели пратеникот Никола Мицевски, потенцирајќи дека се работи за проект кој се реализира со средства побарани преку амандман од негова страна а обезбедени од централниот буџет.

  • Задоволен сум што успеваме секоја година од ребалансите на Буџетот да добиваме одредени конкретни средства, како за заштитна ограда на река Отиња, така и за конзолите, со тоа нашиот град добива нов лик и гледаме дека се проширува протокот на возила но и се зголемува сигурноста на граѓаните при нивното движење во центарот на градот, вели Мицковски.

Како што истакна првиот човек на градот, до сега се потрошени повеќе од 30 милиони денари за уредување на просторот со конзоли на реката Отиња, а дополнително уште 15 милиони денари се планирани во буџетот на Општина Штип за финализирање на делот до Основен суд Штип.

По завршувањето на проектот, во текот на наредните месеци Јорданов најави ново обележување на паркинг местата како и сообраќајно решение за обележување на велосипедска патека во централното градско подрачје.

Тој нагласи и дека веќе во финална фаза е и реализацијата на проектот за осветлување на кејот на река Отиња, од економскиот факултет до градинката во Ново село, со поставување на нови 180 канделабри.