Неколку улици во населбите Балканска, Три Чешми и Караорман во текот на изминатите неколку дена добија нов асфалт. Потребата за рехабилитација на веќе постоечката и дотраена инфраструктура е главната причина за преземање активности на терен, вели градоначалникот Иван Јорданов.
- Знаеме дека ова не е доволно но се трудиме во секоја населба рамномерно да инвестираме од парите кои ги прибираме од граѓаните, да вратиме кон нив, истакна Јорданов.
Како што нагласи тој, како реакција на барањата на граѓаните, до крајот на годината во населбата Три Чешми ќе следуваат низа активности за подобрување на инфраструктурата во оваа населба.
- Ова нема да биде единствен проект планиран за Три Чешми, продолжуваме и во наредните месеци со одредени активности во оваа населба кои што се надевам ќе допринесат во подобрување на инфраструктурата. Потребите на граѓаните од година во година се зголемуваат имајќи во предвид дека веќе постоечката инфраструктура е оштетена. Нашата цел е најпрво да ја рехабилитираме дотраената инфраструктура, а онаму каде што има потреба од нова во согласност со нашиот буџет се трудиме да создадеме и нова, рече градоначалникот Јорданов.
Нешто помалку од милион денари од општинската каса беа инвестирани за нанесување асфалт на улицата во населбата Три Чешми, додека 1,5 милиони денари се издвоени за градежните активности во населбата Караорман.
Во текот на изминатиот период асфалтирани беа и неколку пристапни краци и улици на влез во населбата Балканска, што пак општината ја чинеше нешто повеќе од милион денари од граѓанските пари. Според зборовите на Јорданов, во завршна фаза е и спортското игралиште за мал фудбал и кошарка во населбата Балканска, кое во текот на наредните денови се очекува и да биде ставено во употреба.