ТИМ Институт: Костадинов ја има довербата на граѓаните за втор мандат

На половина од првиот мандат, струмичани имаат доверба во градоначалникот Костадин Костадинов да му го доверат и вториот мандат. Тоа го покажало истражувањето на ТИМ Институтот од Скопје, според кое на прашањето дали сметате дека градоначалникот Костадин Костадинов заслужува или не заслужува повторно да биде избран, 52,5 проценти од испитаниците одговориле позитивно што според анализите на Институтот, е повеќе од довербата што ја имаат двете најголеми политички партии заедно доколку утре се одржат локални избори.

-Таквата поддршка да еден човек има поголема поддршка од двете најголеми партии, иако со должна одговорност јас сум член на Извршниот одбор на СДСМ и со огромна чест се носам со таа функција, сепак, ова кажува дека огромен дел од граѓаните веруваат на заложбите коишто ги даваме и не би кажал само Костадин Костадинов, туку со целиот негов тим, со целата општинска администрација и секако со мудрите одлуки на советниците, иако јас сум носител на функцијата и секако ме обврзува да продолжам по патот по којшто одам. Да бидам човек којшто ќе ги слуша во секој момент граѓаните, Костадин Костадинов да биде човек којшто ќе оди во секое населено место, Костадин Костадинов да биде човек којшто ќе оди во секое маало во градот, ќе разговара со секој еден човек, и со најмладите и со возрасните, оти навистина тоа е мојата работа. Јас и во предизборната кампања говорев дека Струмица не е град којшто може да се владее, Струмица е град којшто се сака, а јас сум човек којшто нема намера да владее, туку да служи и сум бескрајно среќен што еве огромен дел од граѓаните тоа го препознаваат. Тоа за мене е радост и упатувам јавна благодарност до граѓаните и едно уверување од моја страна дека навистина ќе продолжам уште повеќе да бидам посветен на капиталните инвестиции и проекти, ќе бидам уште повеќе посветен на новите социјални услуги оти јас сум социјалдемократ по убедување, ќе продолжам да ги слушам сите граѓани, ќе продолжам да бидам транспарентен како и досега, а тоа го покажуваат сите мерења за општина Струмица  и скокот од 9 места на скалата на активна транспарентност, рече Костадинов.

Градоначалникот Костадин Костадинов смета дека се уште е рано за да размислува за втор мандат.

-Многу е рано. Јас сум човек којшто од почетокот на својата политичка кариера и како советник и како пратеник во македонскиот парламент, како градоначалник, сум кажал дека кога секој човек си ја работи работата народот ќе си каже што и како очекувал, народот ќе си каже и предвреме дали некој треба да продолжи по патот којшто си го оди, дали не треба да продолжи. Сите луѓе имаат свои лични амбиции и апетити кои сакаат да ги реализираат или не, еве јас како човек ќе кажам оти сум целосно растоварен од тоа дали ќе продолжам или нема да продолжам. Костадин Костадинов иако млад на свои 33 години, досега секогаш црпел легитимитет од граѓаните, секогаш излегувал на непосредни избори каде што секогаш искрено, отворено и со чист образ го барал гласот на граѓанинот за да му служи, вели Костадинов.

Истражувањето на ТИМ Институтот од Скопје на јавното мислење во општина Струмица е спроведено од 10 до 16 јули годинава на репрезентативен примерок од 500 испитаници.