По десетина години, учениците од ООУ Ванчо Прќе од денес повторно ја добиваат можноста за бесплатно користење на услугата продолжен дневен престој.
Благодарение на одделението за образование при Општина Штип, кое ја нотираше потребата за целодневно згрижување на децата од прво до трето одделение од ова основно училиште, но и благодарение на донациите од страна на општествено одговорни компании и физички лица, повторно се отвара можноста за целодневен престој на децата од ОУ Ванчо Прќе, вели градоначалникот на општината Иван Јорданов.
- Во комуникација со директорот на основното училиште, одлучивме една од просториите во детската градинка Вера Циривири Трена во Ново Село, кои ги користи ОУ Ванчо Прќе, да реконструираме, да ја дополниме со нови масички, анатомски столчиња, комплетно реконструирана просторија за потребите за продолжен дневен престој, рече градоначалникот Јорданов.
Според неговите зборови, повеќе од четириесет деца, првично ќе бидат згрижени во две смени, со продолжен дневен престој, од 07 до 17 часот.
Како што вели ова е само почеток, затоа што потребите на основното училиште Ванчо Прќе за ваков вид згрижување на децата се многу поголеми од она што во моментов се нуди како згрижувачки капацитет. Во план е преадаптација и реконструкција и на останатите четири протории, кои се планира до следниот септември да бидат преадаптирани за продолжен дневен престој.
Директорот на ООУ “ Ванчо Прќе “, Кокан Радев вели дека целата иницијатива потекнува од група родители кои оваа учебна година доставиле и петиција до училиштето, а бидејќи во централната зграда нема слободни простории за продолжен дневен престој на учениците, одлучено е тие да бидат сместени во дел од градинката во Ново Село.
- Сето ова е направено во најкраток можен рок, го адаптиравме и целосно го реконструиравме, беа потребни некаде десетина дена, за што особено помогнаа општествено одговорни компании, физички лица, техничкиот персонал и наставници кои учествуваа, за што е можно во пократок рок да обезбедиме достојни услови за нашите ученици, рече Радев.
Тој нагласи дека продолжениот престој е бесплатен, а учениците ќе бидат обезбедени со оброк и со превоз, за кои додека процедурално не заврши јавната набавка, ќе бидат обезбедени од страна на општината , а потоа оброкот ќе биде на сметка на родителите.