Хаосот кој што е присутен во државата се префрлува како хаос во основното образование, а Бирото за развој на образованието со новата концепција врши грубо кршење на Законот за основно образование, рече денес градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов пред новинарите, во однос на состојбата која се случува во основните училишта како резултат на новиот концепт наметнат од Министерството за образование за наставата од прво до шестто одделение.

  • Тоа што се случува хаос по сите институции се пресликува сега и кај младите генерации од прво до шесто одделение. Не бадијала рекле граѓаните – Ако сакате да уништите една држава, уништете го образованието. Впрочем тоа ни се случува сега во државата, со ваквите измислени, избрзани концепти кои што ќе остават штетни последици по самата настава доколку не се промени нешто. Ова може да создаде проблеми и кај наставниот кадар и во самото функционирање на училиштата“, рече градоначалникот Јорданов.

Тој посочи дека известувањето од Бирото за развој на образованието за нив е од повеќе аспекти спорно. Смета дека новата концепција ќе доведе до фискална импликација и ќе изискува зголемување на финансиските средства, дека се крши законот, а една од одредбите е дека нема да се учи од учебници, туку оставено е наставниците сами да се снаоѓаат.

  • Училиштата доставуваат годишна програма до општината што се усвојува до 31 август и која со новата концепција веќе е доведена во прашање, односно треба целосно да биде изместена. Тоа само по себе ќе создаде хаос во одвивањето на наставата и ова е спротивно на Законот за основно образование, вели Јорданов.

Градоначалникот на Штип прашува каде е мотивацијата, кога според новата концепција, наставниците кои имаат поголем и оние кои имаат помал фонд на часови ќе земаат иста плата.

И директорите и наставниците од Штипските основни училишта го изразија своето незадоволство од новиот наставен концепт, истакнувајќи дека насоките од МОН од повеќе аспекти се косат со законите.

  • Според наставниот план, предвидено е изучување во шесто одделение на предметот Историја и општество. Меѓутоа, со насоките коишто се дадени од Бирото се предвидува запишување на оценки по три модули – Историја, Географија и Граѓанска култура. Сето ова се коси со самиот Закон, со оглед на тоа што наставниот план предвидува еден предмет и изведување на една оценка, додека според насоките дадени од страна на Бирото се предвидува запишување на три оценки коишто ќе одат во свидетелство. Едно со друго не одговара, изјави директорот на ООУ Гоце Делчев, Горан Митев.

Локалната самоуправа и директорите ќе бараат од МОН да се произнесе и да даде образложение за ваквите нејасни насоки за настава за учебната 2023/2024 година.