Денес пристигнаа шесте автобуси со кои неодамна од општината најавија дека ќе се врши јавниот градски превоз во Штип, кој конечно после подолго време станува реалност за жителите на градот.

Како што истакна градоначалникот Јорданов ова е со сигурност најголемата инвестиција од било која локална самоуправа во текот на една година, со оглед на тоа што вкупната вредност на автобусите е 50 милиони денари, а потребата за јавен градски превоз е нотирана уште многу години претходно.

  • Пред преземањето на локалната власт ветивме дека на средина од нашиот мандат ќе набавиме нови автобуси со кои ќе го започнеме јавниот градски превоз и еве ова ветување го реализираме денес а од први септември граѓаните ќе имаат можност да се превезуваат по повластени цени, во нови, модерни, климатизирани автобуси, вели Јорданов.

Шестте автобуси кои пристигнаа денес во Штип ќе сообраќаат во најголем дел од населбите и ќе значат решавање на деценискиот проблем со сообраќајниот хаос и метеж во градот, нагласи Јорданов.

  • За почеток ќе гравитираат шест линии но како ќе ја нотираме потребата на граѓаните така ќе ги зголемуваме релациите и линиите, со цел колку што е можно поголем број на наши сограѓани да го користат јавниот градски превоз и конечно да се стави ред во сообраќајниот хаос кој последователно со години ни се случува, додаде градоначалникот Јорданов.

Директорот на ЈП Стипион, задолжено за управување со јавниот градски превоз, Панче Стефановски вели дека почнувајќи од први септември првите три дена јавниот градски превоз промотивно ќе биде бесплатен за сите граѓани а дополнително Советот ќе одлучува која категорија на граѓани ќе имаат повластени цени за користење на јавниот градски превоз.

Со автобусите на општинскиот градски превоз ќе се обезбеди безбеден, економичен и еколошки превоз, вели Стефановски, нагласувајќи дека цената на билетот ќе се разликува во однос на тоа во која зона ќе се превезувате.

  • Општинскиот линиски превоз ќе се одвива во три зони на територија на општината. Првата зона е градската зона, 30 денари ќе чини билетот за оваа зона, втората зона е во населбите Балканска и Македонка, 35 денари ќе биде цената на овој билет, третата зона е Три Чешми, Чардаклија и Караорман, 40 денари ќе биде цената за оваа зона, нагласи Стефановски.

Во однос на меѓуопштинскиот превоз Стефановски потенцираше дека цените ќе се движат од 60 денари до село Таринци, 70 денари до Карбинци и 90 денари до Радање.

Сите подетални информации околу сообраќањето на автобусите како и околу распоредот на линиите граѓаните ќе можат да ги најдат на официјалната веб страница на општината како и на веб страната на ЈП Стипион, потврдуваат од Општина Штип.