Во рамки на програмата и планираните средства за поддршка и развој на образованието од страна на Општина Штип, започнаа активностите за промена на прозорците во СОУ Јане Сандански, што според зборовите на градоначалникот Иван Јорданов се очекува да завршат до започнувањето на новата учебна година, по што ќе се пристапи кон следната фаза на реконструкции.

  • Целта во следна фаза е до крајот на годината да се изврши реконструкција на дворното место во ова училиште и да се продолжи со инвестициите и во другите основни и средни училишта на територија на Општина Штип, за да се подобрат условите во образовните институции во градот, затоа што тоа го заслужуваат и наставниците и учениците, рече градоначалникот Јорданов.

Тој најави дека до крајот на годината планирано е да се изврши реконструкција на дворните места и спортските терени во основните училишта Димитар Влахов и Гоце Делчев,  а во план е и инвестиција во средното училиште Коле Нехтенин.

 

Директорката на СОУ Јане Сандански, Марија Николиќ истакна дека после промената на системот за парно греење минатата година, промената на прозорците на училишната зграда оваа година ќе овозможи зголемување на енергетската ефикасност на училиштето и заштеда на електрична енергија.

  • Сето тоа секако ќе значи и подобрување на условите за настава и за работа. Во текот на наредната 2024 година се надевам дека за целосна заштеда ќе овозможиме и замена на фасадата на училиштето и кровната конструкција и со тоа ќе ги намалиме сметките за струја во училиштето, нагласи Николиќ.

Промената на прозорците во средното медицинско училиште, Општина Штип ќе ја овозможи со вкупен буџет во висина од 2,5 милиони денари, потврдуваат од општината.